Премиера на танцовата претстава „Робоград“ утре во МКЦ

Колективот Ветерница ќе одржи премиера на „Робоград“, претстава која е плод на заедничка работа во рамки на две групи по танцов театар за деца од 6 до 12 години, утревечер (08.06), со почеток од 19:30 часот во Младинскиот културен центар.

„„Робоград“ е танцова претстава од деца за деца, која раскажува за еден град кој ги претставува сите градови на светот и карактерите кои живеат во нив. Во овој град преку невербален театар се осмеливме да ги соочиме брзањето, рутината и оттуѓувањето со спонтаноста, љубопитноста и соживотот“, се наведува во поканата за настанот на Фејсбук.

Цената на билетот е 100 денари и може да се го резервирате и купи на билетарата на МКЦ.

Во претставата играат: Аналена Митровска, Исидора Ивановска, Софија Поповска, Теона Танурева Каранфилова, Јована Јосифовска, Кристина Петровска, Маша Блажева, Анѓа Давчева, Иван Силјанов, Марија Масевска, Теодора Стефановска, Матеј Милевски, Јана Ѓорѓиевска, Матеа Ивановска, Матеа Димова, Мила Матеска.

Инаку, „Ветерница“ е уметнички колектив создаден со заедничка цел за поттикнување на личниот развој преку работа во група и користење на креативната енергија со употреба на техники од глума, музика, песна, физички и куклен театар. Негуваат хоризонтален пристап, соработка и одговорност во споделување на знаења и идеи. Водени од потребата за постојано преиспитување на заедничките и личните вредности, веруваат дека уметноста е огледало на секојдневното живеење и основна алатка за спознавање и менување на себеси и околината.