Премиера на „Приказни од шестиот кат“ вечерва во велешкиот театар

Во велешкиот Народен театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ овој вечерва (5 март)премиерно ќе биде изведена претставата „Приказни од шестиот кат“ според раскази од Драги Михајловски, а во режија на Деан Дамјановски.

Како што појасни режисерот Дамјановски , одбрани се раскази од неколку збирки на Михајловски затоа што, според него, во нив има доста драматизација, која успеал да ја вклопи во една кохерентна целина.

„Расказите на Михајловски содржат една линија на постојано бришење на реалноста, оставајќи го читателот вчудоневиден и сомничав кон сопствените сетила. Неговите збирки раскази претставуваат една невидлива граница помеѓу реалноста и фикцијата,помеѓу стварноста и фантастиката. Притоа авторот користи навидум толку едноставни работи, познати поими места и ситуации од нашето македонско современо секојдневие:од скопските населби до родниот град на авторот, Битола. Случките на цела плејада јунаци од нашето секојдневие:железничари,келнери,судии,службеници,студенти,професори,кои сонуваат и мечтаат за еден друг,поинаков можеби посреќен свет на надворешен амбиент подложен на постојана промена“,појасни Дамјановски.

Во претставата играат актерите Васил Зафирчев, Александар Вељановски, Славица Манаскова, Самоил Стојановски, Кети Борисовска, Фаик Мефаиловски, Талија Настова, Жарко Спасовски, Александар Ѓеоргиев,
Јордан Витанов, Кица Ивковска, Слободанка Чичевска и Кирил Гравчев.

Сценографијата е на Кирил Василев,костомографијата на Елена Дончева, авторот на музика Сашко Костов, а настапува целокупнот ансамбл на велешкиот народен театар.