Премиера на претставата „Одлука“ во режија на Хана Миленковска

На 5 и 6 март со почеток во 20 часот во Младинскиот културен центар ќе се одржат две изведби на театарската претстава „Одлука“ во режија на Хана Миленковска.

Според најавата, се работи за уметничко истражување за носењето одлуки, чиј краен исход е театарска претстава.

„Секојдневно сме соочени со низа избори кои мора да ги направиме, некогаш мали и бенигни, некогаш непријатни. Во ова дело, ние, авторите, решивме тргнувајќи од себе од различни агли да ги набљудуваме сопствените ограничувања, начините на кои сме условувани да размислуваме, препреките што сами си ги создаваме“, се вели во најавата за настанот.

Коавтори и актери во претставата се Мартин Ѓоргоски и Чедомир Митевски.

„Да се создаде чисто гледливо парче театар без никаков материјален влог освен нашето време, здравје и волја, се покажа како поголем предизвик од очекуваното. За среќа налетавме на одлични сојузници по пат.
Тргнавме од тоа дека ќе ги анализираме одлуките што сме ги донеле досега, како поединци, но и како општество, па можеби ќе разбереме што отсега. Не сме сигурни што разбравме, но знаеме дека ни е важно тоа што го направивме. Не сме убедени во исходот, но важно ни е некој ова да го види и чуе.
Се боревме да бидеме разговетни и смели кон себе и светот. Сфативме дека сме способни да сме кохерентни онолку колку што светот во кој живееме има смисла. И одлучивме дека тоа е во ред“, велат авторите на претставата.

Нејзин продуцент е Дино Чупевски, графичкиот дизајн е на Матеја Николиќ, со логистичка поддршка од КСЦ – Јадро.

Стручни соработници се: Дамјан Дуковски, Владимир Лукаш, Евгенија Здравевска, Владимир Димовски, Калија Киселички, Драган Теодосиев и Јоана Ристевска.

Билетите изнесуваат 300 денари и се достапни на билетарница во МКЦ и онлајн преку www.bileti.mkc.mk

Од МКЦ посочуваат дека настаните ќе биде организирани со почитување на актуелните ковид-протокли.