Премиера на претставата „Мојот маж“ во Драмски театар

Во режија на Нела Витошевиќ, денеска во Драмскот театар ќе се изведе претпремиера на претставата „Мојот маж“. Со почеток во 20 часот, публиката ќе има можност да го проследи драмското адаптирање на расказите од збирката „Мојот маж“ на писателката Румена Бужаровска.

Премиерата на претставата е закажана за утре во Драмски театар, со почеток во 20 часот.

Адаптацијата на расказите е на Викторија Рангелова – Петровска и Нела Витошевиќ, а дел од улогите ги играат актерките Наталија Теодосиева, Сања Арсовска, Сара Климоска, Филип Трајковиќ и Исмет Шабановиќ.

Театарската претстава „Мојот маж“ е изградена од испреплетени материјали и драматизација на шесте раскази од збирката „Мојот маж“ на Румена Бужаровска.

Дејствата од расказите на Бужаровска, како и документарниот дел (авторските монолози) тематски се цврсто поврзани со поднебјето и времето во кое се одигруваат, без притоа да се засноваат на дневно-политички актуелности.

Расказите и авторските монолози имаат за цел да поттикнат надминување на стереотипите и предрасудите и отворено инсистираат на судир помеѓу традиционалното и современото. Сега, денес, сѐ уште имаме потреба да се соочиме со сегашноста преку ревидирање на минатото.

Играно-документарниот пристап, како жанровска определба и драматуршко режисерски концепт, е присутен на европските театарски сцени, но е редок пример на македонската театарска сцена. Играно-документарниот пристап нуди едно сосема ново, поинакво театарско искуство, кое предизвикува силни емоции и соочување со себе и од себе, со себе кон другиот, од другиот кон себе. Тоа е редок колективен чин кој не е приземно сентиментален и патетичен, туку напротив длабоко е емпатичен и хуман. Присутноста на театарска спонтаност и кај актерот и кај гледачот, доведува до ослободување и отвара простор за различна театарска перспективност.