Премиера на претставата „Кожурец“ во МКЦ

„Артопија“ најавува дека во недела (11 октомври) од 20 часот во МКЦ ќе биде изведена премиера на претставата „Кожурец“, по текст и драматургија на Билјана Радиноска и Верица Недеска.

„Работена според вистинска приказна, претставата Кожурец го отвара просторот на комплексните односи помеѓу премолчувањето и прозборувањето, барајќи го во театарскиот контекст јазикот да прозбори за внатрешните и надворешни механизми на сексуалната злоупотреба на деца. Претставата претставува своевиден емотивен пејсаж на една траума, преиспитување на репрезентацијата во театарот, збир на сцени, слики и песни, добиени како материјал од истражувачкиот процес“, се вели во најавата за претставата.

Во „Кожурец“ играат Душица Настова, Кристина Леловац, Симона Спировска, Наташа Петровиќ. Режисер е Билјана Радиноска, а продуцент – Филип Николовски.

За претставата се користени текстови од „Враќање“- Блаже Конески; „Песна што треба да ја напишам“- Гане Тодоровски, „Проспект“- Вислава Шимборска.

„Билетите по цена од 300 денари се достапни на билетарница во МКЦ и online преку bileti.mkc.mk. Настанот е организиран согласно протоколите за организирање настани во затворен простор. Ве молиме да се придржувате кон истите. Бројот на посетители е намален, носењето маски е задолжително за време на целиот настан“, велат организаторите.