Премиера на претставата „Кој пукаше на 21-ви?“ во МКЦ

Претставата „Кој пукаше на 21-ви?“, по текст на британската современа писателка Черил Черчил, а во режија на Нина Николиќ, премиерно ќе биде изведена во четврток (23 октомври) во 21 часот во МКЦ.

MF_ (3)

Претставата Кој пукаше на 21-ви? е работена според драмата Mad Forest, на британската современа писателка Черил Черчил, и раскажува за периодот пред, по и за време на романската револуција во 1989-та година. Самиот драмски текст има фрагментарна структура и е напишан откако авторката, режисерот и група студенти по глума од Лондон заминале за Романија, со цел да работат со група тамошни студенти по глума, каде што дознале нешто повеќе за настаните поврзани со падот на Чаушеску. Драмата е за прв пат поставена во јуни 1990-та, само три месеци по самата револуција.

MF_ (5)

Самата драма е составена како колаж од идеи, согледувања и ставови на повеќе луѓе и е работена според принципот на долг процес на работа на целата екипа. Mad Forest е далеку од документарна драма и таа ги испитува реакциите на збунувачките настани поврзани со револуцијата во 1989-та година, за обичните луѓе, фокусирајќи се на две семејства. Тоа што излегува на површина е страшната штета врз животите на луѓето направена за време на периодот на репресија, како и болните, долги тешкотии што ги донела промената.

MF_ (4)

Улогите во претставата ги играат: Sвезда Анѓеловска, Петар Арсовски, Благој Веселинов, Стефан Вујисиќ, Нина Деан, Билјана Јовановска, Мартин Јорданоски, Владимир Лазовски, Нина Максимова, Владимир Петровиќ и Кристиан Светиев. Актери во видеото пак се Синоличка Трпкова, Васил Зафирчев, Дарја Ризова и Снежана Стамеска.

Претставата репризно ќе биде изведена на 25 и 26 октомври.