Во вторник (24.11) во 21 часот во салата „Владо Тасевски“ во Скопје ќе биде премиерно прикажана претставата „Hopscotch“, во режија на Филип Петковски.
„Hopscotch“ („Плочка“) на авторот Израел Хоровиц, е модерен американски текст во продукција на Младинскиот совет на Американската амбасада во Македонија.
Претставата раскажува приказна за една повторна, навидум среќна средба на некогашни љубовници, чија врска завршила фатално.
Дејството на претставата е сместено во раните 90-ти години во градот Вејкфилд, Масачусетс, а настаната е како инспирација од песните на Пол Сајмон, чија музика игра важна улога во претставата. Целта на режисерскиот тим е да прикаже нови и модерни американски текстови, кои разработуваат младинска тематика.
Проектот е замислен и како вид на работилница, со која актерите се едуцираат за американската театарска школа. Претставата ќе биде изведена на англиски јазик, со цел да привлече интернационална публика и да го претстави оригиналниот дух на претставата. Главните улоги ги играат Долорес Поповиќ и Стефан Вујсиќ, а координатор на проектот е Даниел Ѓоќески, кој е активен член на Youth Council.
Филип Петковски е млад театарски режисер и танчар, а од неодамна и магистер кореолог. Дипломирал на Duquesne University во Питсбург, Пенсилванија, на театарска режија.
Претставата се игра на англиски јазик. Картите се бесплатни, но потребна е резервација.