Премиера на претставата „Будење на пролетта“ во Битола

„Будење на пролетта“ е името на новата претстава на „Интимен театар“ од Битола која е закажана за 28 декември (понеделник) во 20 часот, a по втор пат ќе се игра на 30 декември (среда) во 21 часот.

Претставата е работена по текстови од Франк Ведекинд и документарни материјали. Режијата е на Софија Ристевска, драматург е Билјана Крајчевска а играат Здравко СтојмировСтефанија Милевска и Софија Ристевска.

Во „Будење на пролетта“ се разгледуваат проблемите на женската популација во општеството, како сегрегацијата и етикетирањето на секојдневно ниво, врз различни основи. Во времето на суровиот неолиберализам, кога жената има професија и кариера, а плус мора да е добра мајка, домаќинка, сопруга и љубовница, таа се соочува со константната нетрпеливост и нетолерантност од страна на општеството, што не е едуцирано и истренирано, за да го толерира моделот на жена – лидер.

„Ние зборуваме точно за таа нетрпеливост помеѓу силната и моќна жена и сексистички настроената социјална средина, што за жал има само една алатка за своја заштита, а тоа е суровото и бескомпромисно етикетирање на жената, сé со цел да ја дескредитира и да ја врати во потчинетата позиција на патријархалната пасивност.

Нашата претстава со голема доза на хумор и самокритика, ги разгледува проблемите на жените што се борат активно за своите позиции и непотпаѓаат под ничие влијание. Ги разгледуваме нивните проблеми со тежината и нивното активно посетување на часовите по аеробик. Ги разгледуваме и ситуациите со шефовите мажи во фирмите, што редовно им предизвикуваат непријатни ситуации.

Ги анализираме и желбите за екстремни спортови, што создаваат високо ниво на андреналин, како заштитен механизам против светот што не опкружува и на крајот зборуваме за свадбите и за сите подготовки окулу нив. Со огромна доза на хумор анализираме со колку многу предизвици се соочува жената и колку многу очекувања се вперени во неа. А за да биде иронијата поголема, дури и кога е најзаслужна, таа тешко го добива своето признание. И точно затоа „Будење на пролетта“ е интимна приказна за патот полн со предизвици што го поминува секоја жена, во процесот на исполнување на своите мечти и соништа“, се вели во најавата за претставата.