Премиера на преставата „Странци“ во Драмски театар

Премиерата на претставата „Странци“, во режија на Нела Витошевиќ е најавена за утревечер во 20 часот во Драмскиот театар во Скопје.

Текстот е по сценариото на италијанскиот филм „Перфектни странци“, а играат Игор Ангелов, Ирена Ристиќ, Билјана Драгиќевиќ Пројковска, Зоран Љутков, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ и Предраг Павловски. Драматург е Викторија Рангелова Петровска, сценограф Константин Трпеноски, костимограф Роза Трајческа Ристовска, а композитор Огнен Анастасовски.

Како што информираше на денешната прес-конференција, режисерката Нела Витошевиќ, „Странци“ ја подготвувале два месеца, а претставата има современ режисерски пристап и „ја отвора Пандорината кутија во која се сите наши демони“.

„Странци“ е „драмомедија“ во која седумина пријатели играат игра во која ги споделуваат сите телефонски пораки, разговори, фотографии, комуникациите преку социјалните мрежи и на тој начин ги откриваат личните тајни, отварајки болни конфликтни ситуации. Истовремено се потенцираат разликите помеѓу приватното и јавното себе-претставување. Паралелните дејства создаваат епска сценска наративност која не се стреми да го означи крајот, туку расте во широчина. Се’ во име на вистината. По соочување со вистината, следи судир со пост вистината, состојба во која фактите стануваат помалку влијателни отколку што се тоа емоциите и личните убедувања.

Претпремиерата на претставата е вечерва, во 20 часот.