Премиера на перформансот „Еднорози (Волшебен свет)“ во МКЦ

Во Младинскиот културен центар вечер во 20 часот премиерно ќе биде изведен перформансот „Unicorns (Magic world)“ на Скопје танцов театар, кој ги заокружува својата годишна продукција и активности.

Претставата е составена од два дела. Првиот е „trashOUT“ во кореoграфија и режија на Анастасија Данчевска и Дејан Битровски, а во неа свое деби имаат студентите од прва година при Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип: Исидора Краљевска, Фросина Шуман, Борис Богдановски и Тања Крстевска, а ќе настапи и Бобан Русески, студент на втора година при УГД.

Вториот дел е насловен „Анима“ (драфт на претстава по идејите на Карл Јунг) во кореографија и режија на Рисима Рисимкин и танчерите. Костимите се на Благој Мицевски. Во „Анима“ настапуваат професионалните танчери на Скопје танцовиот театар: Дејан Битровски, Адријана Данчевска, Матеа Киселичка, Анастасија Данчевска и Тринга Хиса.

Претставата базира на теоријата на Јунг, по која во душата (анима-та) на мажот се содржани четири архетипови на жената, Ева, Хелена, Марија и Софија. Кореографијата е направена врз база на истражување на состојбите и конекциите на ’петте елементи’, т.е. четирите жени и мажот.

Скопје танцовиот театар годинава настапи на „Holland Dance Festival“ во Хаг, Холандија и беше  единствен во последните триесет години од регионот, гостуваше во Њујорк на 37. „Battery Dance Festival“, а беше и во Пекинг на Интернационалниот фестивал за танц на Пекингшката академија за танц.