Премиера на операта „Турандот“ во режија на Џанкарло дел Монако

Оперското ремек-дело „Турандот“ ќе биде изведено во идниот петок (25 март) во МОБ. Како што соопштија од Македонската опера и балет операта „Турандот“ ќе биде претставена пред македонската публика низ нова естетска призма на режисерот Џанкарло дел Монако.

Навидум едноставната приказна за доброто и злото, за суровоста и бездушноста кои ги победува љубовта, Џакомо Пучини, Џузепе Адами и Ренато Симони ја преточиле во извонредната опера „Турандот“.

Режисерот Џанкарло дел Монако е син на легендарниот тенор Марио Дел Монако, за многумина симбол на драматиката во операта. Уметникот кој во својот живот операта ја чувстувувал како единствената платформа за егзистенција на сонот, деновиве во Скопје уште еднаш ќе го сонува својот сон.

Во листата на „сонувачи“ се вбројуваат уште неколку имиња меѓу кои сценографот Вилијам Орланди, сценскиот и светло-дизајнер Волфганг фон Цубек и диригентот Џанлука Мартиненги, и врвна солистичка екипа.

Почетокот на претставата е најавен во 20 часот.