Премиера на „Најкратки драми на светот“, Снежана Коневски-Руси ја одигрува својата последна улога

Македонскиот народен театар вечер (25 ноември) на Малата сцена премиерно ќе ја изведе претставата „Најкратки драми на светот“ во режија на Трајче Ѓоргиев, според истоимената збирка кратки пиеси објавена пред 20 години, приредена од театрологот Јован Ќирилов.

Темите што ги поврзуваат десетте кратки драми се тоталитаризмот, недоразбирањето, тегобноста, зачуденоста, минливоста на времето, општата состојба на апсурд.

„Секоја од овие пиеси „минијатури“ на Муза Павлова, Чехов, Хајнер Милер, Каринти, Фридман и други автори, од својата неконцизна основа го повикуваат хуморот како спас од вртлогот на безизлезноста и гротеската што неретко е опачина на слободата“, соопшти МНТ.

Во претставата играат актерите Снежана Коневски-Руси, Габриела Петрушевска, Марија Новак, Нино Леви и Кире Ѓоревски. Сценографијата е на Трајче Ѓоргиев и Татјана Блажевска-Христовска, костимограф е Роза Трајческа-Ристовска, а изборот на музиката е на режисерот и драматургот Дарко Јан Спасов.

По вечерашната премиера, претставата репризно ќе биде изведена на  29 ноември.

Снежана Конеска Руси вечерва ќе ја одигра својата последна улога во претставата ,,Најкратките драми на светот” со која ќе го одбележи своето пензионирање. Зад Руси има голем број на улоги во театарски претстави, а позната е и како филмска глумица и режисер.