Премиера на мјузиклот „Свирач на покривот“ од студентите на ФМУ – Скопје

Мјузиклот „Свирач на покривот“ ќе биде премиерно изведен од студентите на ФМУ – Скопје во среда, на 9 декември во Македонската опера и балет. Поради големиот интерес, еден ден претходно ќе се одржи и претпремиера на претставата. Концертот е дел од одбележувањето на 49 години од постоењето на Факултетот за музичка уметност во Скопје како првата високообразовна институција од ваков вид во земјава.

„Свирач на покривот“ е мјузикл во два чина, од американските автори – композиторот Џери Бок и Шелдон Харник кој е автор на текстот, според книгата на Јосеф Штејн. Дејството се случува во далечната 1905 година, во тогашна Царска Русија. Во центарот на случувањата е животот на Тевје со неговите пет ќерки, и неговите настојувања да ја одржи еврејската религија и еврејските културни традиции во своето семејството, постојано борејќи се со општеството и надворешните влијанија.

Во изведбата на мјузиклот за прв пат заедно се претставуваат сите катедри од Факултетот за музичка уметност во Скопје. Дел од претставата ќе бидат солисти од катедрата за соло-пеење, студенти од катедрата за популарни жанрови, студенти од катедрата за балетска педагогија во Скопје, како и Симфонискиот оркестар на ФМУ и Хорот „Драган Шуплевски“ подготвуван од страна на диригентот Сашо Татарчевски. Покрај нив, во претставата ќе уќествуваат и неколкумина танчери и пејачи од Македонската опера и балет, како и ученици од фолклорните оддели на Државниот музичко-балетски училишен центар „Илија Николовски-Луј“, предводени од маестро Саша Николовски-Ѓумар.

„Проектот „Свирач на покривот“ е од особено значаен бидејќи за прв пат сите наши катедри соработуваат во него, така што факултетот ќе се претстави максимално сеопфатно. По напорната работа на голема професионална екипа на една сложена, обемна и разновидна материја, изведбата на студентите, без сомнение, ќе биде запаметена“, вели деканот на ФМУ – Скопје Гордана Јосифова-Неделковска.

Мјузиклот „Свирач на покривот“ е во режија на Цветан Стојановски, сценографија и избор на костими Зоран Николовски, додека кореографијата е на Олга Панго.

Влезот и на двете претстави е слободен.