Премиера на краткиот филм „Слобода“ од Златко Ѓелески

Новиот краток игран филм на Златко Ѓелески, „Слобода“ премиерно ќе биде прикажан во четврток (12 октомври) во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар.

„Станува збор за краткометражен омнибус, односно спој на неколку приказни кои се одвиваат една зимска вечер во кафулето ‘Слобода’. Таму се пресретнуваат тројца пријатели, кои неуспешно се обидуваат да се договорат помеѓу себе, додека на шанкот се наоѓаат две долгогодишни пријателки, кои истата вечер одлучуваат да споделат тајни, кои ги криеле една од друга, а на оддалечена маса од нив во тек е зделка за продажба на артефакт од Крушевската република“, се вели во краткиот синопсис.

Филмот е по сценарио и режија на Златко Ѓелески, а во продукција на Бранко Стојаноски од „Блу Медија Моушен“.

Во него играат Михајло Петревски, Ристе Ѓорѓиевски, Станко Стевановиќ, Тамара Ристоска, Весна Гаврилоска, Ивица Димитријевиќ, Игор Бошкоски, Дарко Мече Костески, Андреј Дукоски, Тале Никодиновски, Ренато Јеремоски и Марија Петреска.

Директор на фотографија е Владимир Димоски, монтажа и визуелни ефекти Љупчо Темелковски. Музиката е на Љупчо Стефаноски, звукот на Горазд Радески. Шминката е на Хума Садику и Ели Илиоска и клапер е Марија Петреска.