Премиера на „Јас, Селма“ – монодрама за бегалката од Дамаск во МКЦ

Утревечер, со почеток во 20 часот во Младинскиот културен центар премиерно ќе се одигра монодрамата „Јас, Селма“ во изведба на Симона Спировска, а по текст и режија на Милош Б.Андоновски.

Монодрамата е колаж од девет сцени за бегалката од Дамаск и актерката Симона од Скопје: за нивната прва средба, за вљубувањето на Селма во едно момче од протестите, за (не)вклопувањето во скопскиот живот, но и за нејзината желба да замине од овде, откако ќе поминат цели девет години.

„Во не толку далечна иднина во Скопје, пристигнува бегалка по има Селма. Таа е единствената која успеава да ја премине македонско-грчката граница, дента, кога медиумите објавуваат дека границите се затвараат и ниту еден бегалец нема да може да влезе во државата, макар само и да помине низ неа.

Оваа претстава можеби и не зборува толку за Селма, колку што зборува за нас. Постојаното “губење” на линијата кој е кој во претставата и дали говори актерката или бегалката, го нагласува нашето (не)прифаќање на сличностите кои ги имаме со младата Селма“, се вели во описот на монодрамата.

По премиерата, наредната вечер (25 април), со почеток во 20 часот ќе се одржи реприза.

Цената на билетот е 200 ден и може да се купи на билетарницата во Младинскиот Културен Центар.