Премиера на „Изгубени Германци“ на Дејан Дуковски и Слободан Унковски во МНТ

Театарската претстава „Изгубени Германци“ работена по текст на Дејан Дуковски, а во режија на Слободан Унковски, премиерно ќе биде изведена вечeрва (вторник, 5 февруари) во Македонскиот народен театар во 20:00 часот.

Премиера на „Изгубени Германци“ на Дејан Дуковски и Слободан Унковски

Ова е трета претстава на тандемот Дуковски- Унковски кои досега ги реализираа и „Буре барут“ и „Другата страна“, со оваа претстава режисерот Унковски се враќа на сцената на МНТ по осумгодишна пауза, по поставувањето на последната претстава „Црнила“ во 2005 година.

Премиера на „Изгубени Германци“ на Дејан Дуковски и Слободан Унковски

„Изгубени Германци“ е црна комедија во која главните ликови се комунист, нацист, хомосексуалец, уметник и стриптизерка, заглавени во рудник во Македонија во 1944 година. Истражуваат некоја тајна руда, а практично се сокриени од војната. Тука дискутираат за разни прашања. Текстот лани ја доби и наградата „Коле Чашуле“ на МНТ. Изгубени Германци“ е трета соработка на Слободан Унковски со Дејан Дуковски по „Буре Барут“ и „Другата страна“.

Во претставата улогите ги толкуваат актерите: Камка Тоциновски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Ѕвезда Ангеловска, Јовица Михајловски, Јордан Симеонов, Оливер Митковски, Сања Арсовска и Емил Рубен, дел од кои вчера го споделија задоволството од меѓусебната соработка и од соработката со Дуковски и Унковски, гледајќи на претставата и како на голем предизвик за проверка или потврда на своите професионални квалитети.

Костимограф и автор на целиот дизајн на претставата е Бојана Никитовиќ од Белград, кореограф е Кренаре Невзати-Кери, а сценограф Виктор Михајлов.

Извор: Cooltura.mk