Премиера на „Хамлет“ во кино Култура

Во кино Култура денеска, во 20:00 часот премиерно ќе биде изведена театарската претстава „Хамлет“ од Вилијам Шекспир, во режија на Милош Б. Андоновски.

„’Да бидеш или не’ во оваа претстава не одекнува како прашање, туку како одговор. Прашањето кое се поставува е ’КАКО да бидеме?’ Претставата е истовремено и мека и цврста, и елегантна и груба со својата жестокост. Ова е прва независна постановка на Хамлет во Македонија и го прикажува политичкото будење на младиот човек. Тоа е драматичен процес, исто како и спознавањето на механизмите на политичката игра, истакнува режисерот Милош Б. Андоновски.

Улогата на Хамлет и припадна на актерката Симона Спировска Костовска, а покрај неа играат Мартин Манев, Симона Димковска,
Горан Ников, Стефан Вујисиќ, Наталија Теодосиева, Јеткин Сезаир и Дени Стојанов.

Драматург е Ивана Нелковска, кореограф Александра Петрушевска, а костимограф Марта Дуфне. Музиката е Александар Гроздановски.

Оваа претстава е дел од проектот „Направете место за младите театарџии“ со кој Театарот на Навигатор Цветко и Кино Култура имаат цел да поттикнуваат нова театарска продукција и да афирмираат млади автори.