Театар Фабрика во копродукција со Драмски Театар Скопје, утревечер (недела) во 20 ч премиерно ја изведува „Госпоѓица Јулија“ во режија на Ѓорѓи Ризески.
Претставата говори за борбата за успех во животот, за тоа дека не секогаш околностите во кои сме родени се прангии од кои не можеме да се ослободиме, говори за желбата за подобро место под сонцето.
„Токму и тоа е нашето гледање на делото: „Поради подобро место под сонцето, нормално е црвот да го изеде соколот“. Црвот е слугата Жан, соколот госпоѓицата Јулија – играна од Миа Кантарџиева. Гледаме како работите ќе се променат во двата света; како госпоѓицата родена од гроф ќе се спушти подолу од својот слуга и како тој ќе се искачи толку над неа од повеќе аспекти. Слугата во нашата приказна има шанса и да стане гроф, но госпоѓицата, само тоне“, вели режисерот Ризески.
„Претставата сакавме да ја подготвиме одамна. Заедно со Теоман Максут – кој е во улогата на Жан – се одлучивме дека некогаш дефинитивно ќе мора да се препуштиме на уникатните и тешки теми на Стринберг. Се одлучивме за „Госпоѓицата Јулија“ – неговото најиграно дело. Со некаква визија и рамки за претставата влеговме во процесот кој траеше два месеци и успешно ги спроведовме разработувајќи ги првичните идеи за драмата“, додава.
Улогите ги толкуваат: Госпоѓица Јулија-Миа Кантарџиева, Жан-Теоман Максут, Кристина-Емине Халил. Кореографија; Ирена Лозинска; костимографија:Драгана Таневска; дизајн и фотографија: Деана Андоновска.