Премиера на „Гига мега бајка“ во Театарот за деца и младинци

Утревечер (среда, 16 ноември) во 19. 00 часот на сцената на Театарот за деца и младинци во Скопје,премиерно ќе биде изведена претставата „Гига мега бајка“ во режија на Хана Миленковска, а по текст на Горјан Милошевски.

„Гига мега бајка“ е приказна која сака да ја поттикне имагинацијата кај децата и кај возрасните.

Во неа се преплетуваат фрагменти од познати приказни, „Црвенкапа“ и „Заспаната убавица“ како и една измислена бајка. Деловите од познатите приказни се сосема преработен и повторно обмислени со суштински промени на ликовите и ситуациите поточно преку смислување на нови ситуации. Со спојот на овие фрагменти, всушност, се добива една нова „Гига мега бајка“. Истоимениот драмски текст и претстава се фокусираат на приказната за четири актери кои заедно раскажуваат бајка по нивен терк, со нови комични идеи за да ги забавуваат децата. Секако дека ова раскажување не се случува само поради забавата туку и со цел да се пренесат повеќе пораки: постојано треба да ги менуваме, освежуваме познатите приказни, да ги правиме поинтересни, треба да ги соединиме со духот на модерното време, треба да оставиме многу простор за нашата фантазија, треба да ги слушаме импровизациите на децата и секој треба да биде свој во раскажувањето и да научи важни нешта за себе за да може да се промени и да биде подобар.

Актерите, Мартин Јорданоски, Симона Спировска, Мики Анчевски и Бојан Кирковски вложуваат натстандарден напор, многу фантазија и идеи за да посветено ја пренесат идејата. Нивната исклучителна духовитост и вештина создаваат драмска слика во служба на автентичноста, свежата содржина и разбивањето на стереотипната нарација.