Премиера на детскиот анимиран филм „Патешествието на принцот“ вечерва во Кинотека

Со почеток од 18 часот, вечерва, 21 јуни во Кинотеката на Северна Македонија ќе биде прикажана македонската премиера на анимираниот детски филм „Патешествието на принцот“. Филмот е ново долгометражно остварување на француските аниматори Жан-Франсоа Лагиони и Ксавиер Пикар кои користат ликови од фантазијата за да раскажат приказна за предизвиците на светот во кој живееме.

Исто така, филмот беше конкурент за награда на Европскиот фестивал на фантастичниот филм во Стразбур, Франција, како и на други фестивали за анимирани филмови.

„Лорен, стариот принц на мајмуните, се буди на непознат брег на земјата Ниокус, на кој се насукал по бродската несреќа. Таму го пронаоѓа дванаесетгодишниот Том, чии што родители ќе му пружат засолниште. Родителите на Том се научници во егзил: биле протерани од нивната поранешна заедница бидејќи верувале дека постојат и други мајмунски цивилизации.
Принцот најпрвин ќе биде подвргнат на научни испитувања, а потоа во придружба на Том ќе шета низ главниот град и блиската џунгла, каде што открива непознат и волшебен свет. Но, Принцот ќе ги запознае и ригидните правила кои важат во тој необичен свет за него…“, стои во кратката содржина за анимираниот филм.

Инаку, дистрибутер на филмот е македонската филмска продукција „Узенгија“, а дистрибуцијата е поддржана од програмата „Медиа Креативна Европа“.