Премиера на „Да тргнеме сењор!“ на Нела Витошевиќ во МНТ

На 22 декември (понеделник), со почеток во 20 часот, во Македонскиот народен театар ќе се одржи премиерата на претставата „Да тргнеме сењор!“ на режисерката Нела Витошевиќ. Текстот е на Ана Ристоска, која е на докторски студии во Виена каде што живее, а е посветен на нејзиниот татко, актерот Кирил Ристоски кој почина пред три години.

Во претставата учествуваат Игор Ангелов (Таткото, Дон Кихот), Драгана Костадиновска (Ќерката), Дениз Абдула (Санчо Панса), Ивица Димитријевиќ (Мажот), Софиа Насевска-Трифуновска (Жената), Катина Иванова (Старата) и Александар Ѓорѓиески (Јоко).

Ова е многу специфична драматургија која обработува интимни приказни на мали луѓе и на едноставен начин побудува силни емоции. Претставата има поетичен тон, зборува за смртта, но преку славење на животот. Отвора прашања што значи таа за некој што ја доживува, што значи за блиските околу него и тн. Ова е интимна приказна на Ана, врзана за нејзиниот живот, смета режисерката Витошевиќ.

Сценограф на претставата е Константин Трпеноски, костимограф Роза Трајческа-Ристовска, а изборот на музиката е на режисерката Витошевиќ.