Премиер и 4 министри ги посетија темелите на нова спортска сала во кумановско

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев придружуван од замениците претседатели на Владата, Бујар Османи и Оливер Спасовски и министрите Арбер Адеми и Садула Дураки денеска присуствуваше на настан посветен на отпочнувањето со изградба на нова спортска сала во училиштето „Јероним Де Рада“ во населеното место Черкез во општина Куманово, соопштија од Влада.

Домаќин на настанот беше градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски и директорот на училиштето „Јероним Де Рада“, Хакик Јахиу. Пред присутните наставници, ученици и жители на Черкез се обратија премиерот Заев, вицепремиерот Бујар Османи, министерот за образование, Арбер Адеми и градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски.

Премиерот Заев во своето обраќање посочи дека овој настан покажува дека кога се работи за децата и обезбедување на нивната иднина сите заедно сме обединети во оставрувањето на овие цели.

„Изградбата на овој капитален објект е од големо значење за Черкез бидејќи со тоа ќе се овозможат услови за спортување, физичка активност и здрави навики на 520-те ученици кои посетуваат настава во ова наше училиште. Ме радува фактот што учениците и наставниците повеќе нема да одржуваат часови по физичко образование во дворот на училиштето дури и зимно време, туку конечно ќе добијат современа спортска сала од 650 м2 опремена со најмодерни реквизити и справи кадешто младите и децата ќе можат да тренираат повеќе спортови меѓу кои одбојка, кошарка, ракомет, гимнастика, итн… Јас верувам дека во Черкез се крие некој нов млад спортски талент кој ја исчекува својата шанса да биде откриен.“ – нагласи премиерот Заев во своето обраќање.

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи порача дека се отвораат европските перспективи за Македонија, а со тоа за земјата се ставаат на располагање и повеќе средства од европските фондови за реконструкција и изградба на училиштата низ Македонија.

„Навистина убав настан за да се одбележи камен темелникот на спортската сала која во суштина jа рефлектира основата на политиката и креирањето на политики. Целта е да го направиме животот на граѓаните подобар, полесен и поздрав. Изградбата на оваа сала, чија цел е да го подобри здравјето на нашите помлади сограѓани е додадена вредност во политиката и мотив за политиката да продолжи да ги подобрува животот и здравјето на граѓаните. Затоа сите наши заложби за да го европеизираме општеството и како заменик на претседателот на Владата, задолжен за европски прашања и како главен политички преговарач е да го фатиме историскиот воз кој поминува низ Балканот оваа година, за да ја гарантира иднината на државата во НАТО и во ЕУ кој ќе обезбеди мир и стабилност.“ соопшти вицепремиерот Османи.

Тој потенцираше дека оваа можност ќе обезбеди сигурна иднина за идните генерации бидејќи ќе се отвораат нови работни места и ќе се зголемува квалитетот на живот за граѓаните.

„Околу 100 милиони евра годишно само сега добиваме од ЕУ како неповратни средства, за да се подобри животот на граѓаните. Оваа вредност ќе се зголеми за два до три пати со почетокот на преговорите во наредната година и овие средства нема да бидат кредит, туку неповратни средства“ – информираше вицепремиерот Османи.

Министерот за образование и наука, Арбер Адеми зборуваше подетално за текот на реализација на проектот за изградба на 145 спортски сали низ повеќе локации и училишта во Република Македонија.

„Салата во училиштето ‘Јероним Де Рада’ е дел за изградба на 145 спортски сали. Ќе биде со површина од 650 м2 и истата ќе биде опремена со реквизити за речиси сите спортови – кошарка, одбојка, ракомет, гимнастика, атлетика. Секако дека плановите за реконструкција на училиштата и изградба на спортските сали продолжуваат и во иднина. Ова што денес го најавив за реконструкција на училиштата во учебната година 2018/2019 како и оваа спортска сала којашто наскоро ќе биде во служба на спортските активности за учениците на „Јероним Де Рада“ е само мал дел од плановите за регулирање и подобрување на образовниот систем во Македонија“, соопшти министерот Адеми.

Пред присутните се обрати и градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски кој порача дека овој проект е дел од реализацијата на капитални инвестиции во општина Куманово и околните населени места.