Прељубата повеќе не е кривично дело во Индија

Врховниот суд на Индија одлучи дека прељубата повеќе нема да биде кривично дело, ставајќи крај на законот кој е на сила 158 години.

Со законот, од колонијалниот период на Индија, секој маж кој има сексуален однос со мажена жена, без дозвола на сопругот, е виновен за кривично дело прељуба. Нема достапни податоци за бројот на мажи кои биле обвинети и осудени по според овој закон.

При читање на пресудата, врховниот судија Дипак Мисра изјавил дека иако прељубата останува основа за граѓански спорови, како разводите, тоа не може да биде кривично дело.

Сите петмина врховни судии се сложиле дека законот е архаичен, арбитрарен и неуставен.

Врховниот суд го декриминализира неверството по претставка на Џозеф Шајн, 41-годишниот индиски бизнисмен кој живее во италија, кој минатиот август го оспорил законот со образложение дека кривичното дело е „произволно“ и „дискриминаторско кон мажите и жените“.

Законот според Шајн „индиректно ги дискриминирал и жените, преку погрешната претпоставка дека жените се сопственост на мажите“, додека во неговата претставка на 45 страни цитирал повеќе активисти за правата на жените и родовата еднаквост.

Според досегашниот закон мажите осудени за прељуба можеле да добијат максимална казна затвор до пет години, да добијат парична казна, или и двете.