„Преку симулациите многу подобро ги сфаќавме работите“- како се одвива практичната настава за средношколците

„Ни недостасува дружбата, меѓусебната комуникација… Сега ограничено ни е времето за пракса. Се случувало да правиме симулации, сега тоа не е можно со новата ситуација и ограниченото време. Кога имавме физичка настава, преку симулациите многу подобро ги сфаќавме работите што треба да ги пишуваме“, вели средношколката Ангела од „Васил Антевски – Дрен“.

Скратен наставен материјал и скратени часови, пад на интернет и потреба за дополнително истражување се новото нормално на средношколците што треба да посетуваат практична настава. Со тоа се согласува и нејзината соученичката на Ангела – Тамара.

За Тамара, најголеми пречки во сегашната онлајн практична настава е тоа што не може физички да присуствува на часот, а со тоа и подобро да се искаже.

„Физичката настава е полесна за да научиме нешто на практичната настава. Многу е подруго кога се гледаме на камера онлајн или кога сме во живо со професор“, вели Тамара, ученичка од „Васил Антевски -Дрен“.

И двете се согласуваат дека недостигаат физичките посети, кои поради пандемијата и големиот број новоинфицирани од новиот коронавирус во земајва, сега не можат да се остварат.

„Скратен ни е материјалот, поради онлајн наставата. Скратени се часовите. Би имале повеќе материјал доколку ни се одржува наставата во училиште“, велат идните правнички, кои дополнуваат дека неретко истражуват надвор од наставата за да дојдат но нови и релевантни информации.

Садета Агуш, ученичка по медицина во средното училиште „Шаип Јусуфи“, вели дека има елементи од практичната настава кои се одложени поради коронавирусот.

„Ова го знаат и со ова се соочуваат учениците кои сме стручно определени. И само ние можеме да сфатиме и да почувствуваме колку сме оштетени од оваа состојба. Особено учениците од трета и четврта година каде праксата е поважна. Очекуваме со нетрпение, и се надеваме дека за проблемот со практичната настава ќе се најде решение за побрзо да почнеме со практичниот дел“, вели таа за Радио МОФ.

„Доктор не се станува со читање презентации од вежби“

„Нема одење  во лабораторија за да визуелизираш што се случува со вежбата вели еден од одговорите на нашата Инстаграм анкета кој потенцира на учениците по медицина и фармација.

„Не одиме воопшто на пракса“, „Дел од вежбите се изведени со физичко присуство според протоколи“, „Имаме потешкотии кај природните науки бидејќи нема таблети за пишување на дигитални табли“, се дел од одговорите кои ги добивме на нашата анкета за пречките во практичната настава.

Учениците велат дека во некои школи практичната настава комплетно била отфрлена, а некои пак велат дека сè уште чекаат информации.

Според планот за реализацијата за практичната настава, таа се одржува според индивидуалните протоколи на секое училиште. Наставата по стручните предмети за соодветниот вид на образование се реализира со физичко присуство на учениците.

Средните училишта во кои се реализира стручно образование и обука, практичната настава треба да се реализира со физичко присуство на учениците во училиштето, во кабинети, училишни работилници, лаборатории и слично.

Дуално образование во ек на пандемија

Преку дуалното образование, младите од стручните училишта и во време на пандемија добија можност за практично образование, кое можат да го остварат во компании од нивната струка.

Во Велес, во ССУ „Коле Неделковски“ учениците се обучуваат во струката Техничар за производно машинство, а практичната обука се изведува во компаниите „Брако“ и „Маркарт“. Во Кавадарци, во средното стручно училиште „Киро Спанџов-Брко“, учениците се обучуваат во струката Техничар за индустриска мехатроника, а практичната обука ја извршуваат во компанијата „Дрекселмајер“. Во програмата за дуално образование се вклучени 7 училишта од 7 општини и 12 компании. Дуалното образование се реализира во Велес, Кавадарци, Охрид, Битола, Прилеп, а од оваа година во Скопје и Тетово.

Средните стручни училишта во Велес и Кавадарци кои одржуваат дуално образование, денеска беа посетени од министерката за образование и наука Мила Царовска и претставници на Делегавија за германско стопанство во Македонија.

„Практичното (дуално) образование е одличен начин младите уште во текот на средното образование да се насочат кон професии кои се барани од компаниите, но и да дознаат што значи работа во реални услови.  Дури и во вонредни услови во кои се одвива образовниот процес оваа година овозможивме учениците од средните стручни школи да ја продолжат практичната настава. Секако, таа се реализира под посебни протоколи, со кои се гарантира нивна заштита”, изјави Царовска.

Оваа учебна година дуално образование посетуваат вкупно 220 ученици. Од нив, годинава се запишани 85 ученици.

И.С.