Преку самоводечки вело тури поблиску до „скриените“ културни објекти

Една случајна посета на Музејот на илегалните работилници за изработка на оружје во Народноослободителната војска во Скопје ја зачна идејата која членовите на здружението Одржливи иницијативи ја имале подолго време, а неодамна решија да ја претстават пред јавноста. Се работи за ткн. самоводечка велосипедска тура.

Тие промовираа две велосипедски прошетки по не толку познатите музеи и културни локалитети, во и околу главниот град.

Секој учесник со помош на мапа на својот паметен телефон, напатствија за движење, и описи за локалитетите и музеите посетија и открија места кои најчесто се заборавени. Од Одржливи иницијативи за Радио МОФ велат дека ваквиот тип на тура е меѓу другото, инициран од пандемијата.

„Самоводечките тури постигнаа подем во светот во овој период, додека кај нас се во зародиш. Но, токму тој начин на доживување и откривање на културното наследство и значајните локалитети може да овозможи слободно движење на мали групи на луѓе во согласност со мерките за спречување на ширење на коронавирусот“, велат од здружението.

Оттаму посочуваат дека за разлика од промотивните настани каде целиот фокус на промоција се случува само во еден ден, со оваа апликација граѓаните имаат можност да вршат промоција секој ден. Апликацијата „Изи травел“ е бесплатна.

„Сè што треба е желба некој да ги посети локалитетите и да ја симне апликацијата. Таму има напатствија кои ќе ве посочат што, кога, каде и како. Во светот ваквите апликации се често користени, пред сè од туристи. Ние повикуваме граѓаните да бидат туристи и во својот град. Сепак, локалитетите кои ги одбравме не се локалитети кои се посетуваат секојдневно“, појаснуваат од Одржливи иницијативи.

Поддршка за иницијативата пристигнала и од граѓаните кои учествуваа на промоцијата на самоводечките тури, велат од здружението.

„Тоа што знаеме е дека граѓаните се заинтересирани за дружба. Ние можеме да ги потсетуваме граѓаните дека може токму тоа да го направат. А подготвивме и мапи кои ќе ги дистрибуираме до музеите за да ги поттикнат граѓаните и посетителите на Скопје токму тоа да го направат“, најавуваат од Одржливи иницијативи.

Најголем предизвик во целиот процес било да се направат рутите. Тие забележуваат дека идејата при нивната изработка била да се избегне моторизиран сообраќај на патиштата кои ќе се искористат за прошетките.

„Потешко беше да најдеме велосипедска патека која ќе поврзе, отколку да најдеме „скриен“ музеј. Понекогаш бевме принудени да направиме големи кругови само за да поврземе две блиски точки. Резултатот и за двете рути кои ги спремавме беше дека на велосипедската прошетка по скриените музеи на Скопје, учесниците доживеаја тура по скриените улички и патеки на Скопје“, истакнуваат од Одржливи иницијативи.

Но, од здружението велат дека идејата на некој начин не е нова. Уште пред неколку години имале активности за промоција на Римскиот водовод преку велосипедска тура, свесни дека малку граѓани знаат воопшто каде се наоѓа. Според нив, потенцијалот што го имаат ваквите апликации врз домашниот туризам е значително голем доколку се промовираат правилно.

„Фокусот на проектот не беше кон промоција на ваков тип на апликација на културните објекти, туку релацијата која што сакавме да ја изградиме беше – да ги донесеме културните објекти поблиску до јавноста преку користење ваков тип на апликација. Нашите аудио напатствија нудат начин како да ги открие јавноста локалитетите, давајќи основни податоци за самите локалитети, но при посетата на локалитетите самите кустоси се тие кои го креираат доживувањето“, забележуваат од Одржливи иницијативи.

Тие се надеваат дека нивниот проект ќе биде поттик за музеите да подготват аудио водичи за своите поставки. Не ја исклучуваат можноста и во некој иден проект да помогнат да се постигне тоа.

Е.П.

Фото: Одржливи иницијативи