Преку прирачник за фановите, клубовите и власта против хомофобијата во фудбалот

Институциите, активистите и спортските работници да се насочат кон создавање на фудбалска околина во која секој ќе се чувствува безбеден и добредојден без разлика на родот, полот, или сексуалната ориентација. Ваква порака испратија учесниците на првата национална тркалезна маса „Справување со хомофобијата во македонскиот фудбал“, која во организација на Здружението за културен и медиумски активизам КВИР СКВЕР се одржа денеска во Скопје.

Во Македонија сè уште постои дискриминација и говор на омраза кон ЛГБТИ лицата, а според учесниците на дебатата, позитивната промена најбргу може да допре до луѓето преку фудбалот како медиум.

На оваа тема, адресирајќи го проблемот со анти-геј јазикот што често се користи во спортот, говореа претставници од невладиниот сектор, Мрежата ФАРЕ и УЕФА, претставници на македонската Влада и Собранието.

Осврнувајќи се на неколку хомофобични инциденти во Англија во 90-тите години на минатиот век, амбасадорот на Обединетото Кралство, Чарлс Гарет посочи дека фудбалот го рефлектира општеството во кое живееме и затоа е неопходно хомофобијата да се отргне од оваа популарна спортска игра. Тој посочи дека наскоро со претставници на законодавната власт ќе одржат разговор на тема ЛГБТ права, на кој очекува продуктивна дискусија за надминување на предизвиците со кои се соочуваат маргинализираните групи.

„Градските власти нудат поддршка и логистика за воведување на активности на локално ниво за справување со хомофобијата во македонскиот фудбал, залагајќи се за ненасилство на фудбалските терени и на трибините“, рече во своето обраќање Зоран Шишковски, раководител на Одделението за спорт и млади на Град Скопје.

„Употребата на хомофобичен или трансфобичен говор кон некого затоа што не ви се допаѓа како игра фудбал, води тим, пресудува или поради тоа кого поддржува – е погрешна. Тоа е против правилата на играта и претставува кривично дело според Кривичниот законик, но она што е најважно, може да го направи фудбалот застрашувачко и непријатно место за другите навивачи, соиграчите, одговорните на натпреварот и управувачите на играта“, истакна претставникот на организацијата-домаќин, Здружението за културен и медиумски активизам КВИР СКВЕР, Петар Стојковиќ. Тој упати апел до ФФМ, до клубовите и до навивачите, континуирано и посветено да се залагаат за создавање на безбедно и инклузивно фудбалско опкружување за сите, независно од нивната сексуална ориентација или родов идентитет.

„Борбата против дискриминацијата и инклузивноста започнува уште од најраната возраст. Важно е кампањите за недискриминација да почнат во образовниот процес и тоа треба да биденашиот прв чекор“, вели Луис Енглфилд од Мрежата ФАРЕ.

Таа посочува дека во земјите-членки на УЕФА, повеќе од 51,5 милиони луѓе се припадници на ЛГБТИ заедницата и оти мора да се создадат услови тие да се чувствуваат безбедни и добредојдени во фудбалска средина.

УЕФА веќе 14 години е со истиот став – за хомофобијата и дискриминацијата нема место во фудбалот, посочи на денешната трибина шефот на одделот за фудбал и општествена одговорност, Патрик Гасер.

Од Фудбалската федерација на Македонија со став: почит кон сите страни вклучени во фудбалот.

„Навредите кон судиите, играчите или навивачите нема да му помогне на противничкиот тим да победи. Како федерација, заедно со локалната и централната власт се обидуваме да ја пренесеме пораката дека мора да се почитуваат сите кои се вклучени во играта“, истакна Златко Андоновски, портпаролот на ФФМ.

Имплементација на инклузивни политики за недискриминација, преку фер и конзистентно следење на инциденти поврзани со дискриминација, најави директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски. Агенцијата, рече Каевски, работи на изработка на прирачник кој ќе биде достапен на спортската мрежа, а ќе стартува и кампања за подигнување на свеста во врска со оваа тема за време на Европската недела на спорт.

Од Министерството за труд и социјална политика посочија дека изработена е нацрт-верзија измени на Законот за спречување и заштита од дискриминација, кој е во финална фаза и е на разгледување во Венецијанската комисија. Со него се предвидува додавање на сексуалната ориентација и родовиот идентитет како нов основ за дискриминација, се подобрува работата на Комисијата за заштита од дискриминација, начинот на избор на членовите на комисијата и нивна професионализација, како и воведување на санкции и зголемување на глобите кон оние кои ќе бидат идентификувани како вршители на дискриминаторни дела.

Минатиот петок во Собранието на РМ, пак, се формираше интерпартиска парламентарна група за заштита на правата на ЛГБТИ лицата. Пратеничката Маја Морачанин, од тркалезната маса порача дека пратениците наскоро ги очекуваат и измените на Законот за спречување и заштита од дискриминација во Парламентот и оти се надева на нивно скоро усвојување.

Во рамки на тркалезната маса, беше промовиран прирачникот „Фудбалот против хомофобијата“, изработен на македонски јазик, наменет за употреба од фудбалските фанови, клубови и власти. Настанот се реализираше во рамките на традиционалните февруарски активности под капата на меѓународната кампања „Фудбалот против хомофобијата“.

Инаку, минатата година, интернет магазинот со фокус на ЛГБТ+ теми, QUEER.MK спроведе онлајн анкета која покажа дека 34% од анкетираните биле жртва или сведок на хомофобично однесување на некој фудбалски настан во Македонија.

Согласно извештајот на ИЛГА-Европа, Македонија се наоѓа на 39 место во однос на почитување на правата на ЛГБТ лицата, односно само 16% се почитуваат нивните права.