Преку младински совети и организации до вклучување на младите во креирање политики

Речиси 73 проценти од младинските организации сметаат дека имаат капацитет да учествуваат во донесувањето на одлуки што ги засегаат младите во државата, но ниту една од нив не дала свој предлог околу тоа кои се клучните работи кои тие би сакале да ги има во Законот за млади во Република Македонија, се вели во истражувањето што беше презентирано на денешната конференција посветена на младинските политики, а кое било спроведено од Националниот младински совет во соработка со фондацијата „Конрад Аденауер“.

Дури 70 проценти од младинските организации во текот на нивната работа се сретнале со недостиг на постоење на законска одредба, политика, стратегија од јавен интерес за младите, а кои во моментот им биле потребни. Ова според професорката Тања Каракамишева укажува дека се потребни легислативни решенија на законот за младинска работа каде таа ќе биде дефинирана како посебен сектор во рамки на јавниот сектор.

„Би упатила апел до надлежните институции малку позабрзано да ги засилат активностите во делот на креирање политики коишто ќе ги вклучат младите луѓе да учествуваат многу повеќе во процесот на донесување одлуки бидејќи навистина младината е онаа двигателна сила на општеството на секоја држава и во таа смисла треба да биде активно вклучена во надминување на проблемите, но и во надминување на сите оние предизвици со коишто се соочува малдината во државата“, изјави Каракамишева.

Од Агенцијата за млади и спорт информираат дека досега се формирани 13 младински совети, а во фаза на формирање се 42.

„Агенцијата за млади и спорт во моментот учествува во спроведување на младински политики и успешно се одвива формирањето на локалните младински совети на општинско ниво и креирање на локалните младински стратегии бидејќи самиот процес на донесување одлуки не само на централно, туку и на локално ниво треба да почне токму од младите луѓе од нивните заедници, таму каде што живеат“, рече директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески.

Националниот младински совет пак вклучува 57 младински организации водени од млади и се заложува за вклучување на младите во процесот на донесување на одлуки и креирање на политики заедно со нив.

„Како совет налагаме младите подеднакво со институциите да бидат вклучени во сите процеси коишто ги засегаат нив, без разлика дали се однесува на донесување на само една одлука, носење на стратегија локална или национална, за работа на програми коишто се однесуваат на младите. За нас е многу битно таквите процеси секогаш да бидат отворени, да има отворена општа консултација, младите да имаат простор како да бидат вклучени со цел да се овозможи нивно унапредување во општеството“, рече Ивана Давидовска, претседател на Националниот младински совет.

Целта на конференцијата насловена „Што се младинските политики и како да ги регулираме“ беше да ги собере различните чинители на општеството и да даде свое гледиште за тоа како да се подобри процесот на градење на политки за младите.На неабеше презентирано истражувањето кое пак треба да даде  преглед за информираноста на младинските организации во однос на законските одредби  и правата и обврските што ги имаат.

Е.П.