Преку хуманитарна „Праскијада“ ќе се обезбедуваат 20.000 оброци за социјално загрозените   

Во Градскиот парк во Скопје на 31 август (сабота) ќе се организира првата хуманитарна „Праскијада 2019“, со цел да се обезбедат 20.000 оброци за социјално загрозените граѓани.

Тимот на „Сите сити“ се надева дека „Праскијадата“ ќе стане традиција.

„На настанот преку музика, забава за најмладите и добра храна ќе се собираат средства. Угостителските објекти ќе подготват џемови, торти, салати, сокови, во кои главна состојка ќе биде праската. Секој од посетителите ќе може да купи нешто и на тој начин да придонесе за собирање на потребните средства, а за возврат секој од нив ќе добие картичка за благодарност за направеното хумано дело“, велат од „Сите сити“.

Организацијата потсетува дека во 2018 година започнаа да го развиваат системот кој ја спасува добрата храна, па наместо да се фрла, ја пренасочуваат кон оние на кои им е најпотребна.

„Големи количини на квалитетна храна со возило се превзема од различни бизниси, и се носи во центри за бездомници, народни кујни, и слично. Ова го правиме во соработка со повеќе од 20 големи компании од индустријата за храна и над 30 партнерски граѓански организации“, соопштува тимот на „Сите сити“

Целта на организацијата е значително да го намали бројот на гладни граѓани, околу 460.000 во Македонија, кои не може да си ги дозволат сите оброци во текот на денот, како и да станеме земја во која добрата храна не се фрла.

Настанот во Градски парк се организира со поддршка на проектот на УСАИД за граѓанско учество.