Преку граѓански донации до ,,Чудесен парк” за граѓаните на Штип

Фондацијата за развој на локалната заедница (ФРЛЗ) од Штип креира иницијатива наречена „Заедно“ за изградба на адреналински парк – осмислена отворена површина за младите, која ќе нуди различни можности. „Чудесен парк“, како што самата организација го нарекува, треба да биде новото место за собирање и дружба на младите генерации.

Она што е специфично е што изградбата на паркот се финансира преку граѓански донации и продажба на уникатни производи. Идејата на „Заедно“ е на тој начин средствата да се вратат во заедницата, финансирајќи решавање на локални проблеми.

Како приоритетен проблем на младите од Општина Штип е немањето на доволен број содржини за рекреација, посебно за децата и младите, посочуваат од ФРЛЗ. Паркот, според нив, ќе понуди различни можности и ќе стане дел од животот на сите граѓани на Општина Штип.

„Паркот ќе биде место за собирање и дружење на младите генерации, како и основа за создавање на здрава младина и одлична превентива од пороците на модерното живеење“, додаваат од Фондацијата.

Самата замислата на паркот е да има повеќе различни креативни содржини, што го дозволува самата големина и тие ќе бидат од типот на терен за одбојка, скејт-парк, зона за паркур, јога, рекреативен дел како и качувачка карпа. Со што се отстапува можност за негово проширување и надоградба во иднина во зависност од потребата и барањето на младите.

Голем финансиски удел во самата реализација на „Чудесниот парк“ ја има и Општина Штип, која е согласна да отстапи парцела во штипската населба Суитлак, но и евентуална помош со сопствена механизација за започнување и финализирање на самиот паркот.

„Чудесниот парк ќе биде токму она што му е потребно на Штип, парк кој целосно ќе се разликува од сите други места за рекреација. Со својата богата содржина ќе претставува примамливо место за сите, вклучително и за вашите миленици. Со овој парк ќе биде решен проблемот каде младите да најдат рекреација и исполнување на своето слободно време“, велат од Фондацијата.

Оттаму укажуваат дека е потешко да се допре до граѓаните со цел да се истакне самиот концепт и дека со нивната симболична донација или со купување на производите со лого #ЗАЕДНО директно придонесуваат за изградбата на овој парк. Доколку граѓаните сакаат да се приклучат кон нивната идеја, сите потребни информации ги имаат на веб страницата на zaedno.frlz.org.mk и нивниот Фејсбук профил.

„Во меѓувреме ни се приклучи извидничкиот одред „Еквинокс“ од Штип кој безрезервно се впушти во промоција на терен. Во следниот период очекуваме и други организации, субјекти и поединци од регионот да ја препознаат користа од иницијативата и да се вклучат, секој со своите можности“, велат од Фондацијата, кои сами ја започнале иницијативата.

За прашање во однос за приоритетните потреби на младите штипјани, од ФРЛЗ велат:

„Покрај многуте нешта кои можат да се направат за младите во овој град ние првично се насочивме кон она што е најпотребно, а тоа е спорот и рекреацијата. Секојдневниот живот се повеќе ги оддалечува младите од забавата и рекреацијата а токму овој парк ќе даде можност за искористување на слободното време на вистински начин“.

Станиша Станковиќ