Преку „Електричен полигон 3“ младите ќе се едуцираат за електричните возила и нивното значење

Организацијата за електрични возила – Електромобилност Македонија на 19 септември ќе биде дел од овогодинешната „Европска недела на мобилност“ под мотото „Паметна мобилност, силна економија“.

Настанот што го организира Електромобилност се вика „Електричен полигон 3“, а неговата цел е преку едукативни брошури и презентација од волонтерите од здружението и дел од учесниците, да се запознаат и едуцираат младите за електричните возила и нивното значење за општеството, заштитата на животната средина и намалување на загадувањето.

„Овогодинешниот настан е предвидено да биде збогатен со поголем број на електрични возила како е-велосипеди, е-скутери, мали електрични возила, електрични автомобили како и електричен картинг направен од страна на студентите и професори од Факултетот за електротехника и информатични технологии“, велат од Електромобилност.

Настанот е предвидено да започне во 9 часот на паркингот веднаш до aнекс просториите на Факултетот за електротехника и информатични технологии и Машинскиот факултет – Скопје.

„Во рамки на оваа прилика ги покануваме сите вљубеници во новите технологии на мобилноста да бидат дел од овој едукативен настан, да се дружиме со електричните возила, да ја подигнеме јавната свест и заеднички да придонесеме кон зашитата на животната средина и намалување на загадувањето. Ентузијасти со електрични возила се охрабрени и добредојдени“, повикува Електромобилност.

Од таму посочуваат дека во рамки на организацијата на едукативниот настан за учениците од основните училишта значаен придонес даваат Град Скопје преку Секторот за заштита на животната средина и природата, Машинскиот факултет – Скопје, Факултетот за електротехника и информатички технологии, Општина Карпош, ЈП Градски Паркинг – Скопје, ентузијасти за електрични возила и компанијата Мак Аутостар.