Прекршочна пријава за обезбедувачот кој ја нападна новинарката на Водици

Полицијата поднесе прекршочна пријава против лицето од агенција за обезбедување кое на Водици ја нападна новинарката на „Канал 5“, Мирјана Мирчевска.

„Секторот за внатрешни работи Скопје по преземени мерки го расчисти случајот кој се случи на 19.01.2019 година во 12:00 часот на улица Филип Втори Македонски во Скопје кога М.М.(39) додека извршувала работни задачи како новинар била турната од Љ.Т.(47), вработен во агенција за обезбедување. Против лицето е поднесена прекршочна пријава по член 10 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир. Настанот е објавен на сајтот на МВР на 20.01.2019 година“, се вели во соопштението на МВР.

Инаку, новинарката заврши во болница со повреда на вратот и на раката. Новинарските здруженија ги осудија нападите врз новинари и фоторепортери од обезбедувањето на МПЦ. Побараа полицијата и Основното јавно обвинителство темелно да го истражат инцидентот и соодветно да ги казнат напаѓачите, за да пратат порака дека нема толеранција за каков било напад врз новинари или врз медиумски работници.

„Ова дотолку повеќе го бараме затоа што ова не е прв инцидент со обезбедувачи на МПЦ за време на Водици, поради што за одговорна ја сметаме и МПЦ и второ, затоа што со практика на неажурност на надлежните дополнително се придонесува кон охрабрување на напади врз новинари и медиумски работници“, соооштија од ССНМ.