Прекинат грузискиот Фестивал на гордоста, упаднале 2.000 демонстранти

Над 2.000 анти ЛГБТ+ демостранти вчера упаднаа на Фестивалот на гордоста во Тбилиси, Грузија, со што манифестацијата била прекината, јавува „БиБиСи“.

Десничарските демонстранти, меѓу кои и членови на Православната црква, се судриле со полицијата и ги палеле знамињата со виножито.

Организаторите и претседателката на Грузија посочија кон говорот на омраза кон ЛГБТ+ заедницата кој му претходел на настанот, а изјавиле и дека полицијата не успеала да ги заштити присутните.

Претседателката Саломе Зурабишвили изјавила дека владеачката партија „Грузијски сон“ не ги осудила своите приврзаници кои отворено потпалувале агресија кон ЛГБТ активистите.

Министерот за внатрешни работи, Александар Дарахвелиџе, посочил дека големиот простор бил тежок за надзор.

„Станува збор за јавен простор, демонстрантите успеале да го поминат обезбедувањето и да најдат алтернативни начини за да влезат на манифестацијата. Сепак, успеавме да ги евакуираме присутните и организаторите, никој не беше повреден“, изјавил тој.

Десничарските демонстранти упаднаа и на грузискиот Фестивал на гордоста во 2021, напаѓајќи новинари и активисти.