Прегазениот средношколец во Штип сè уште во животна опасност – Родителите на протест пред училиштето

Родителите на децата од средното училиште „Коле Нехтенин“ во Штип денеска протестираат на булеварот „Гоце Делчев“ каде во петокот, на пешачкиот премин пред училиштето, беше прегазен 15-годишен средношколец, кој сè уште е во животна опасност.

Во најавата за протестот на социјалните мрежи, родителите од надлежните институции бараат санкции за случајот и заштита на децата од несовесните возачи.

„Ние нашите деца ги праќаме да се образуваат и воспитуваат за доброто на државата, а не да ги праќаме во смрт. До кога овој долгогодишен проблем со оваа црна точка во градот ќе го игнорираат надлежните и до кога ќе ни се трауматизираат децата. Ние сочувствуваме со болката на родителите на повредениот ученик и се молиме за негово поскоро оздравување. Се додека не се реши овој проблем нема да отстапиме од нашите барања и ќе останеме на нашиот став“, порачаа родителите.

15-годишното момче беше прегазено од 68-годишен возач во петокот утрината, додека поминувало низ преминот со група ученици на голем одмор. Од МВР соопштија дека на местото на настанот увид извршил јавен обвинител и екипа од СВР Штип и дека работат на целосно расчистување на случајот.

Протестот е најавено да трае до 17 часот.