Прегазен рис на пат Кичево-Охрид, МЕД бара прифатен центар за диви животни

Македонското еколошко друштво (МЕД) соопшти дека неодамна на магистралниот пат Кичево – Охрид е најден прегазен рис кај месноста Славеј Планина. Од МЕД за рисот добиле повик од член на ловното „Питон“ од Охрид, но покрај напорите да се укаже прва помош на животното и да се транспортира до ветеринарната клиника во Скопје, животното не преживеало.

„По еден час возење рисот не даваше веќе знаци на живот. Во ветеринарната клиника беше направена надворешна проверка на состојбата на телото од страна на ветеринарниот лекар Диме Велковски. Беше заклучено дека рисот (адултна женка) има скршен колк, нема внатрешно крвавење и причината за смртта била преголем стрес и доста низок крвен притисок, веројатно поради изгубената крв од ударот (хиповолемија). Беше земена крв за здравствена и генетска анализа. Крвната слика направена во клиниката укажа на релативно здрава единка“, изјави Диме Меловски, раководител на Програмата за зачувување на балканскиот рис во МЕД.

Состојбата со балканскиот рис во Македонија е сè уште критична. Последната проценка е дека ова животно брои не повеќе од 50 возрасни единки, а со тоа се категоризира како критично загрозено. Иако сообраќајните незгоди не беа утврдени како закана на која мора приоритетно да се работи, ваквите инциденти се од огромно значење бидејќи секој рис е значаен за виталноста на популацијата, посочуваат од МЕД. Ова особено важи за женките кои при вакви инциденти зад себе е можно да остават млади, кои во овој период од годината не се во можност сами да преживеат.

МЕД неколкупати предупреди дека за изградбата на автопатот Кичево-Охрид потребно е да се внимава за подземните и надземните премини, особено на местата каде планините од двете страни на патот се во непосредна близина, што овозможува и природен премин за различни видови животни. Укажуваат дека овој трагичен случај повторно аламира итно да се отпочне со отворање на прифатен центар за диви животни којшто ќе може да згрижи повредени диви животни, со обучени ветеринари и биолози. За оваа иницијатива, потсетуваат, во повеќе наврати се информирани претставници на надлежните министерства.