„Префрлање на одговорноста“ – изложба на Сашо Станојковиќ за остатоците од Шарената револуција

Изложбата „Префрлање на одговорноста“ на уметникот Сашо Станојковиќ претставува колоритна и дискурзивна архива на остатоците од Шарената револуција. Таа ќе биде отворена утре, 10 октомври, во Мобилна/Монтажна галерија во Градски парк, со почеток од 19 часот.

Таа е резултат на неговиот долгогодишен истражувачки проект насловен „Делиберативно културно наследство“ што ќе продолжи и по отворањето на изложбава.

Во рамките на овој проект, Станојковиќ уште во 2016 година поднесе петиција за прогласување за културно наследство на остатоците од колоритните интервенции врз спомениците од проектот „Скопје 2014“ и други објекти (изведени во текот на протестите наречени Шарена револуција). Барањето со кое уметникот посочи на парадоксите околу дефинирањето на културното наследство во Македонија беше доставено до НУ Конзерваторски центар-Скопје, Управа за заштита на културно наследство на Република Македонија, Град Скопје, оддел за култура и до Градоначалникот на Општина Центар.

„На изложбата ќе биде презентирана претежно едностраната преписка со нереспонзивните институции што продолжи и по промената на власта. Имено, институциите најчесто избегнуваа да одговорат на Предлог-барањето за прогласување за културно наследство на колоритните интервенции врз спомениците и објектите од проектот СК 2014 или ја префрлаа одговорноста за прогласувањето за културно наследство на  спомнатите објекти врз други сродни институции“, вели авторот на изложбата.

На неа ќе биде изложен само еден дел од архивата што е составена од медиумските одгласи на Шарената револуција и од фото-документација на единствените видливи колоритни интервенции што демонстрантите ги нанесоа врз некои објекти, а кои што останаа неизбришани од претходната власт.

Според истражувањето на уметникот, трагите од овие „изливи на граѓанската волјаЕ се сè уште видливи само на фасадите на девет објекти и еден споменик во центарот на Скопје. Така тие претставуваат еден вид загрозени мултинационални и мултикултурни споменици на будењето на граѓанската свест за потребата од почитување на еднаквите права на сите граѓани, смета Станојковиќ.

Во рамките на изложбата ќе биде прикажано и видеото „Што остана од Шарената револуција“. Видеото беше снимено точно на двегодишнината од почетокот на Шарената револиција (на 12 април 2018) во внатрешноста на Порта Македонија – еден од објектите на владиниот проект СК 2014.

„Имено, фактот што овој објект беше официјално прогласен за национален споменик на културното наследство (ех леге) во 2013 – само една година по завршувањето, беше и првичниот повод за целиот проект и за изложбава на Станојковиќ. Во видеото десетмина учесници на протестите меѓу кои политички активисти, културни работници, уметници и други граѓани од различни генерации, етницитети, род и сексуална ориентација одговараат на прашањето: Што остана од Шарената револуција? Тие потсетуваат на солидарноста што се воспостави меѓу припадниците на различните етнички заедници, партии и интересни групи во текот на протестите и воедно упатуваат на опасноста сеќавањата на овој исклучителен блесок на колективна свест наскоро да избледат од колективната меморија, како што впрочем боите веќе бледеат од фасадите“, се вели во најавата за настанот.

Изложбата е поддржана од Министерството за култура, Град Скопје и НУБ Св. Климент Охридски.