Предупредувачки штрајк на наставниците во Србија

Членови на четири образовни синдикати организираат денеска предупредувачки штрајк, бидејќи просветните работници се уште не добиле еднократна помош од државата, која им беше ветена пред неколку месеци.

Во двете смени нема да се одржи првиот час, рече претседателката на Унијата на синдикати на просветните работници Јасна Јанковиќ.

Синдикатите бараат и донесување на законот за платите на вработените во јавниот сектор, со што би се подобрила материјалната положба на луѓето во образованието.

Српските наставници минатата година целосно ја откажаа наставата, не држеа часови и излегоа на протест во Белград и сите други поголеми градови во земјата. Тие бараа образованието да се ослободи од законот во кој се налага намалување за десет проценти од платата бидејќи платата на наставниците е далеку под просечната плата. Второто барање се однесуваше на усвојување на закон за плати и трето беше потпишување на посебен колективен договор и измени во Законот за основниот образовен систем.