Предупредувачки протест на моторџиите пред бараките на Град Скопје

Со мото-собир пред бараките на Град Скопје, денеска стотици моторџии го искажаа својот револт од одлуката на Градот за обележување на паркинг простор за мотоцикли и мопеди на паркинзите на Град Скопје, кој ќе се плаќа од следната година.

Моторџиите од 11 мото клубови од Скопје, а поддржани од клубовите другите градови во Република Македонија, со предупредувачкиот протест го повикаа скопскиот градоначалник Петре Шилегов да ја преиспита ваквата одлука.

Како што беше наведено во нивното соопштение, предлогот е погрешен и неприфатлив за мото клубовите и за независните мотоциклисти.

Тие особено ги потенцираа следните аспекти:

-Со минорни исклучоци, меѓу кои е и градот Дубаи од 2017 година, никаде во Европа и во светот не се наплаќа паркирањето на мотоцикли и на мопеди. Согласно тоа, нема позитивна пракса врз која Град Скопје би ја темелел својата одлука.

-Возењето мотор, покрај својата основна предност – поголема слобода во движењето – помага да се намали градскиот метеж во сообраќајот, а согласно тоа, може да се смета како помош при намалувањето на загадувањето на воздухот произлезено од сообраќајот.

-Возачите на мотоциклите и мопедите не прават проблем со паркирањето на своите мотори, а секако почитуваат основни непишани правила да не паркираат во тревни површини или пред хидранти и друга канализациона, водоводна или електрична инфраструктура.

Предлог одлуката за платени паркинзи за мотори, утре треба да се најде на дневен ред на седницата на Собранието на Град Скопје.

Дополнето: Претставници на Град Скопје се сретнаа со моторџиите

Градоначалникот Шилегов се сретна со претставници на дел од мото клубовите од Скопје и ги образложи причините за потребата за паркиралишта за мотори.

„Нашиот предлог е првата година оваа услуга да биде бесплатна, со цел да се изгради соодветна инфраструктура за паркирање, а потоа паркирањето на мотор за еден час да биде од 5 до 7 денари. Паркирањето на моторите кои се под 50 кубни сантиметри зафатнина, ќе биде бесплатно“, нагласи Шилегов.

За изнаоѓање на решение, Шилегов и мото клубовите се согласија да формираат заедничка работна група на којашто ќе се дискутира и ќе се утврдат одлуки коишто ќе бидат во насока на регулирање на оваа област, зголемување на безбедноста и регулирање на сообраќајот, како и заштита на интересите на граѓаните во Скопје. Заедничката група утре започнува со работа.