Предновогодишна размена и филм на Бесплатен пазар денеска во АКСЦ

Книга, облека, накит, храна, љубов, идеја? Што би подариле на предновогодишниот „Бесплатен пазар“ кој денеска во 17 часот ќе се отвори во Автономниот културен и социјален центар – АКСЦ?

Организаторите ја најавија проекцијата на документарниот филм „Consumed: Inside of the belly of the beast“ кој ја разработува темата за психолошките корени на модерниот конзумеризам. Проекцијата ќе трае еден час, а потоа следува мала дискусија.

Од 19 до 20 часот, ќе се отвори празничниот бесплатен пазар, каде може да се остави предмет или да се сподели некоја вештина, а да се замени со нешто друго корисно.

Исто така, на овој бесплатен пазар ќе се собира топла облека која ќе биде поделена на бездомни и социјално загрозени лица.

„Секој кој е заинтересиран, е добредојден да учествува. Донесете го она што не ви треба, земете го она од кое имате потреба! Ве замолуваме донесените нешта да имаат употреблива вредност“, стои во поканата.