Предложена казна за инспекторот кој објави спорни звања кај функционери, Илиевски вели дека е закопана правната држава

Дисциплинската комисија при Државниот просветен инспекторат утврдила дека има основи дисциплински да се казни инспекторот Ѓорѓи Илиевски и таа препорака ќе ја достават до директорот на институцијата.

Од Комисијата соопштија дека сега директорот, во рок од 7 дена, ќе го има последниот збор за тоа дали ќе го прифати нивниот предлог и дали ќе изрече одредена дисциплинска мерка против инспекторот кој објави незаконски унапредувања на јавни функционери во наставно-научни звања на Државниот универзитет во Тетово, кај министерот за образование Арбер Адеми, заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу и директорот на државниот завод за индустриска сопственост, Сафет Емрули.

Од Дисциплинската комисија само кратко соопштија дека утврдиле прекршок, но не сакаа да откријат повеќе детали за причините зад оваа одлука одлука, додавајќи дека постапувале според Законот за административни службеници.

Инспекторот Илиевски изјави дека очекува директорот да му даде отказ, најавувајќи дека целиот случај ќе продолжи да го води низ судска постапка.

„Денеска е закопана правната држава во Македонија. Ваква постапка, каде не се дозволи да присуствува јавноста и медиумите е недозволено. Сакав отворено да проговориме за јавните и државните функционери и да им дадеме порака и на сите други. Гласно се одважив да зборувам за незаконитостите кои се случуваат, како во случајот со министерот за образование, заменик министерот за внатрешни работи и директорот за индустриска сопственост, кои незаконски се унапредувале и кои незаконски добивале и парични средства. Денес, по не знам која логика, второстепената комисија носи некое решение дека им се уважува жалбата на Универзитетот во Тетово, а јас не знам која е таа жалба. Поминати се сите рокови. Доколку имало такво нешто, требало прво до мене да има жалба, па да дадам одговор на таа жалба за да може да се постапува“, рече инспекторот.

Илиевски додаде и дека се сомнева дека целиот процес против него се води поради тоа што зборувал за медиумите, имал средби со амбасадори и се обратил до другите институции да ги истражуваат незаконитостите за кои алармирал.

„Уште шест месеци одам во пензија. Јас сигурно ќе добијам отказ. Ова ќе биде добро за историјата и за правдата што се случува тука. Очекувам такво нешто“, прокоментира Илиевски запрашан за тоа каква дисциплинска постапка очекува.

На присутните новинари не им било дозволено да присуствуваат на седницата на Дисциплинската комисија.

ЗНМ: Осуда за случувањата во МОН

Здружението на новинарите на Македонија остро го осуди односот на вработените во Министерството за образование и наука и членовите на дисциплинската комисија кон новинарите кои сакаа да ја следат денешната седницата на која комисијата требаше да расправа за инспекторот Ѓорѓи Илиевски.

„Присуството на новинарите и на јавноста на седници од овој тип е од исклучителна важност за обезбедување на фер и правична постапка, особено кога се работи за предмет кој е од интерес за пошироката јавност. Омаловажување и непочитување на новинарите кои се на работна задача е недопустливо во една демократска држава бидејќи новинарите се очите и гласот на јавноста“, велат од ЗНМ.