Основното јавно обвинителство Скопје, заедно со поднесените обвиненија во предметот „Онкологија“, до Основниот кривичен суд Скопје вчера поднесе и предлог за определување мерка притвор за двајца обвинети – медицински и организациски директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија Скопје.
„На обвинетите им се ставаат на товар повеќе кривични дела за кои се запретени високи затворски казни, а последицата од сторените кривични дела опфаќа и нанесување на значителна имотна штета на Буџетот на Република Северна Македонија, што може да влијае врз мотивот на обвинетите да се дадат во бегство“, наведуваат од ОЈО.
Во фазата на истрага за овие лица на сила беа мерки на претпазливост, додаваат оттаму, но со поднесување на обвинението подигнат е степенот на сомнение за обвинетите, како и извесноста од кривично правна одговорност и од санкционирање за нивните противправни дејствија.
„Поради опасност од бегство како резултат на природата и тежината на предметните кривични дела за кои им се поднесени обвиненија, за тројца обвинети лекари – онколози предложени се мерки на претпазливост – привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница односно забрана за нејзино издавање“, информираат од Обвинителството.
Ваквите мерки според обвинителството се неопходни за непречено водење на кривичната постапка.
Екс директорите на Онкологија Васев и Нухи, обвинети за злоупотреба, измама и проневера