Предлог – законот за медиуми наместо да решава, отвора нови проблеми

Предлог - законот за медиуми наместо да решава, отвара нови проблеми

Новиот предлог – закон за медиуми не е решение за ситуацијата во медиумите и наместо да ги реши веќе постоечките, отвора нови проблеми во медиумската сфера. Ова се дел од заклучоците на дебатата за потребата од нов закон за медиуми, во организација на Центарот за развој на медиуми.

Најголем дел од новинарите нагласија дека на Македонија не и е потребен нов закон за медиуми, бидејќи нема сфера која веќе не е регулирана со постоечките закони.

Според претседателката на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Тамара Чаусидис, праксата покажува дека одговорното новинарство никогаш не е резултат на законски решенија.

„Ниту еден закон не донел слобода, она што нас ни треба е слободата на медиумите а не закон за медиуми, особено не ваков каков што е конципиран“, рече Чаусидис.

Новинарката на Нова тв, Сашка Цветковска смета дека оваа Влада нема капацитет за носење на закон за медиуми и проблемот не е во законите, туку во нивното непочитување.

„Ние и сега имаме Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер, но тој очигледно не функционира бидејќи од педесет доставени барања, институциите ми одговориле на пет “, додаде таа.

Роберто Беличанец од Центарот за развој на медиуми, смета дека законот не е решение за проблемите во медиумите и процесот на носење на законот се води со фингирање на дебата околу него.

„Некои луѓе кои решиле да дадат кредибилитет на овој процес тврдат дека се цели сегменти на медиумската заедница. Тоа не може никој да го тврди, дека медиумската заедница стои зад нив. Медиумската заедница не се откажува од правото некој друг да ги претставува и она што тече како дебата е чиста фингерајка. И она што се наметнува од таквата цела дебата е дека мора да имаме закон за медиуми, зашто цела Европа имала закон за медиуми. И тоа е една голема лага. Само четири земји имаат закон за медиуми. Словенија е една од нив која е забележана како проблематично дете во Унијата поради тоа, исто како и Унгарија со нејзиниот закон за медиуми кој и донесе многу проблеми“, истакна Беличанец.

Директорката на Македонскиот институт за медиуми, Биљана Петковска пак, смета дека предлогот за формирање на новата Агенција за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги, која ќе има огромни овластувања е скандалозен.

„Новата Агенција, сметам дека вака како што е поставена, ова решение е скандалозно бидејќи е во целосна спротивност со препораките на Советот на Европа“, вели Петковска.

Иако беше поканет, на дебата за потребата од закон за медиуми не присуствуваше министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски.

Законот кој Владата го подготвуваше во најголема тајност и без консултација со новинарската фела, предвидува регулирање на правата и обврските на новинарите, уредниците и редакциите и сопствениците на медиумите, ги регулира радиодифузерите и издавањето на дозволи за радио и телевизиско емитување, работата на јавниот сервис – МРТ и многу други односи во медиумите. Предвидува и формирање на Агенција за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги, која ќе одлучува за сите работи кои се предмет на законот.

Кристина Озимец