Предлог закон за вработување 100 најдобри студенти во јавни институции

Министерството за информатичко општество и администрација најави дека започнува со реализација на  нов проект за вработување на сто најдобри студенти од јавните универзитети во Република Македонија, во во институциите на јавниот сектор.

Од Министерството соопштија дека е изготвен Предлог закон со кој се уредува начинот и постапката во која ќе се вработуваат студентите, а кој ќе се најде во владина процедура идната недела.

Предлагач на законот е Министерството за информатичко општество и администрација, а како што е предвидено во завршната одредба, неговата примена ќе започне од 1 август 2017 година.

„Секоја година, во месец август, Владата на Република Македонија ќе објавува оглас за вработување на сто најдобри студенти, на кој ќе можат да се пријават сите заинтересирани кандидати кои во тековната година имаат завршено универзитетски студии и студиски програми кои се реализираат интегрирано низ првиот и вториот циклус на студии. Стоте работни места ќе бидат распределени на петте најдобри јавни универзитети во Република Македонија, според последно објавената официјална ранг-листа на високообразовни установи во Република Македонија,” изјави министерот за информатичко општество и администрација, Тимчо Муцунски.

При пресметката на бодовите од формалното образование, главен критериум треба да биде просечниот успех со кој кандидатот ги има завршено студиите. Дополнителни бодови ќе носат и освоените меѓународни награди, како и бројот на положени испити на студентот кај професор кој има објавено повеќе од 2 меѓународни трудови во меѓународни списанија од базата на Томсон Ројтерс (Web of science).