Предлог за распишување референдум за фасадата на ГТЦ

Граѓаните на референдум да се изјаснат за ликот на ГТЦ се бара во предлогот доставен до Советот на општина Центар, од страна на градоначалникот Андреј Жерновски и граѓанската асоцијација „Го сакам ГТЦ“. Според овој предлог, референдумот треба да се одржи на 26 април, а граѓаните со „да“ или „Против“ ќе одговораат на прашањето „Дали сте за тоа да се задржи сегашниот изглед на фасадата на ГТЦ во Скопје?“

„Референдумот е најчист, најдиректен, најавтентичен облик на граѓанско одлучување, референдумот претставува одлична можност за коректив на сите одлуки што ги носи власта и на централно и на локално ниво и ако тие одлуки се контраверзни и штетни за интересите на граѓаните, тогаш референдумот е облик за исправка на таквите одлуки“ , изјави градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски.

Доколу се усвои предлог-одлуката, за референдумот да биде успешен, треба да има 51% од гласачите. Според законските обврски седницата на која ќе се разгледува овој предлог треба да се одржи најдоцна до крајот на овој месец. Доколку овој предлог не се усвои на општински совет, од иницијатива „Го сакам ГТЦ“ најавија дека ќе продолжат со собирањето потписи.

„Иницијативата за референдум потекна од нас, и дефинитивно можам да кажам дека сме творци и сме дел од еден процес којшто трае 2 години и во којшто граѓаните со емоции, но и со вистинско ниво на урбана култура, па и граѓанска одговорност се приклучија кон ова.“- изјави Даница Павловска од асоцијацијата „Го сакам ГТЦ“.

За идејата за менување на ликот на ГТЦ јавноста дозна кога во медиумите се појави предлогот на архитектот Жарко Чаушевски со кој ГТЦ треба да добие барокна фасада,  три куполи, антички столбови и многу скулптури на последниот кат.  Ваквиот предлог наиде на силен граѓански отпор. Асоцијацијата на архитекти на Македонија со подршка од професионалци од релевантни области, невладини организации и граѓани ја во јуни 2013 ја покренаа иницјатива „Го сакам ГТЦ“, по што се организираа неколку и се потпишуваше петиција за зачувување на ликот на ГТЦ.

Градскиот трговски центар е изграден во 1971 година, а автор е познатиот македонски архитект Живко Поповски.

Ирена Чаушки