Предизвик за кодирање за ученици од 10 до 15 години

Во рамки на програмата „Училишта на 21-от век“, Британски совет во соработка со Министерството за образование и наука организира Предизвик за кодирање за сите ученици на возраст од 10 до 15 години ( 6-9 одделение) од основните училишта коишто беа опфатени со првиот циклус на обуки за критичко размислување, решавање проблеми и кодирање кои се одвиваа во периодот од март-јуни 2019 година.

Предизвикот има за цел да ги инспирира младите да решаваат проблеми од секојдневниот живот во нивните училишта и нивната заедница со помош на компјутер. Предизвикот ќе се реализира со употреба на уредот „Микро:бит“ на Би-Би-Си, а од децата се очекува да смислат проект кој ќе соодветствува со Целите за одржлив развој и да истражуваат решенија за проблемите од нивното секојдневие.

Секое училиште има право да се пријави само со еден проект за Предизвикот за кодирање. Доколку училиштето има повеќе проекти, треба да се организира предизвик во рамките на училиштето, за време на којшто училишниот одбор ќе избере најдобар проект што ќе го претставува училиштето на Предизвикот за кодирање.

Пријавувањето за Предизвикот за кодирање ќе започне на 5 октомври 2019 година, а ќе заврши на 20 октомври 2019 година и ќе се спроведува преку веб страницата на Британскиот совет.

Повеќе информации можат да се обезбедат на https://www.britishcouncil.mk/programmes/education/21st-century-schools/what/competitions

Министерството за образование и наука и Британскиот совет ги повикуваат сите заинтересирани ученици и училишта да земат активно учество во Предизвикот за кодирање.