Предизвик за кодирање за ученици од 10 до 15 години

Министерството за образование и наука (МОН) соопшти дека од вчера е отворен за пријави „Предизвикот за кодирање 2020“.

Предизвикот има за цел да ги опфати децата ширум државата и да ги инспирира младите да решаваат проблеми од секојдневниот живот во нивните училишта и нивната заедница со помош на компјутер. Предизвикот ќе се реализира со употреба на уредот „Микро:бит“ на Би-би-си, а од децата ќе се очекува да смислат проект кој ќе соодветствува со Целите за одржлив развој и да истражуваат решенија за проблемите од нивното секојдневие.

„Предизвикот за кодирање 2020 е отворен за сите ученици на возраст од 10 до 15 години од училиштата коишто беа опфатени во вториот циклус од програмата „Училишта на 21-от век“. Натпреварот се состои од два дела (онлајн и лице-в-лице) со цел да се изберат победниците од државниот натпревар по кодирање, коишто ќе добијат шанса за учество во регионалниот натпревар по кодирање“, соопштија од МОН.

Сите детални информации во врска со натпреварот, како и инструкции за тоа како да се пријавите за Предизвикот се достапни на следниот ЛИНК. Повикот е отворен за поднесување на пријави до 21 февруари 2020 година (најдоцна до 17.00 часот).