Предизвик: Редизајн на 12 јавни зелени површини во Скопје

Тимот на Центарот за иновации на град Скопје (Скопје Лаб) во месец јули работи на иницијатива за дизајнирање на зелени јавни површини/паркови, кои потоа Град Скопје ќе ги ревитализира (озелени и оплемени со урбана опрема) и ќе се обиде да ги „оживее“ приказните од минатото за тие локации, доколку има такви.

Оттаму објавија предизвик за граѓаните во кој бараат идеи за разубавување на парковите кои може да се испратат на следниот ЛИНК или на skopjelab@skopje.gov.mk.Сите локации се претставени на апликацијата StoryMap, а предлогот може да е во вид на слика, цртеж, дизајн, или текст со идеја што се е потребно за просторот да оживее и ги задоволи потребите на граѓаните.

„Ова иницијатива дојде на предлог од наш граѓанин кој имаше мапирано  20-тина локации во градот на кои му треба ревитализација. Во оваа фаза ќе опфатиме 12 локации по што ќе се помине на следна фаза односно дизајнирање и уредување на останатите. Доколку иницијативата покаже успех континуирано ќе се работи на мапирање и дизајнирање на нови јавни површини во Скопје кои може да се уредат согласно потребите на граѓаните“, појаснуваат од Центарот за иновации.

Предвидени локации во оваа фаза се:

  1. Зелен простор позади Три Бисери кај Авицена лабораторија.
  2. Зелениот простор спроти Рамстор на бул. Јане Сандански
  3. Зелен простор до Палма Аеродром
  4. Зелен простор спроти Сити Мол – кај што минува последна 19ка
  5. Зелен простор до Пожарна кај Веро
  6. Зелен простор позади поликлиника Идадија
  7. Зелен простор кај Фурна 1 што води накај Мин. За Економија
  8. Зелен простор кај Мартиновски пред мостот кај Кале
  9. Зелен простор до мост Мајка Тереза што води накај Холидеј ИН
  10. Зелен простор до ЦРМ накај мост Мајка Тереза
  11. Зелен простор спроти СП Планет пред КАМ маркет
  12. Зелениот простор спроти ЗОО “Скопје”