Предизвик „Една недела без пластични кеси“

Асоцијацијата за чиста животна средина „Aјде Македонија“ започнува со предизвикот „Една недела без пластични кеси“ по повод 3 јули – Mеѓународен ден без пластични ќеси.

Со ова Македонија се приклучува во светската акција против користењето на пластични ќеси водена од „Let’s do it World“ и „Zero Waste Europe“.

„Зошто треба да размислуваме одговорно за пластичните кеси:

– пластичните ќеси се втор најзастапен отпад во животната средина

– во Македонија се употребуваат половина милијарда пластични ќеси годишно

– пластичните ќеси се отпад кој тешко се управува и најчесто завршуваат насекаде

околу нас: во водата, воздухот и почвата

– штетните состојки на пластичните кеси ги уништуваат природните ресурси“, се вели во соопштението.

Цели на акцијата се подигнување на свеста за штетното влијание од употребата на пластичните ќеси и со тоа да се допринес за почиста и поздрава животна средина и да се поттикне употребата на алтернативи на пластичните кеси, објаснуваат од Асоцијацијата.

Предизвикот се прифаќа на следниот линк, а  искуствата од некористењето на пластичните кеси граѓаните ќе може да ги споделуваат на Фејсбук страницата на „Ајде Македонија“ и на нивните профили преку користење на ознаката #plastikastop.

Досега предизвикот е прифатен од неколку јавни личности, меѓу кои Весна Петрушевска-Бејби, Кристина Арнаудова и Јоце Панов.