Предавање во „Јавна соба“ на тема „Титова Југославија: Заедницата, телото и половата разлика“

Младински образовен форум во вторник (28 мај) со почеток од 18 часот во „Јавна соба“ организира предавање на тема „Титова Југославија: Заедницата, телото и половата разлика“.

Предавач ќе биде Славчо Димитров, кој ќе ги претстави резултатите, анализите и отворените прашања кои произлегоа од неговата магистерска теза во Кембриџ. В

Во предавањето ќе се обиде да ги претстави комплексните биополитички стратегии мобилизирани во процесите на конструкција на обединетото политичко тело на зедницата, и како истите се посредувани преку маскулинистичкото тело на Лидерот во социјалистичка Југославија.

„Посебен фокус во рамки на ова предавање ќе има и примената на родовите апарати, како во перформативните изведби на Југословенската заедница во рамки на колективните социјални кореографии, така и во репрезентациите на политичкото тело (body politic). Фокусот ќе биде ставен врз биополитичките механизми со цел да се избегне идеолошки функционалната епистемологија изградена, претежно, во рамки на националистичките ревизионистички историографии, и од страна на ‘Западните’ набљудувачи, а кои кои го редуцираат знаењето што го имаме за социјалистичката политичка историја и механизми на општата идеја за тоталитаризам и насилство. За целите на ова истражување е спроведено архивско истражување со фокус на масовните јавни кореографии и прослави на роденденот на Јосип Броз Тито – 25-ти мај- Денот на младоста“, стои во најавата за предавањето.

Во рамки на предавањето Славчо ќе се обиде да ги покаже телесните и емоционални механизми кои беа применувани во масовните кореографии со цел да се перформира идеалот на заедницата, а преку кои телото на маскулинистичкиот Лидер се вкотвува како централен унифицирачки означител.

„Славчо ќе тврди дека биополитичкиот модел што го оркестрира хегемониското воспставување и репрезентација на социјалистичката заедница е заснован на Фаличка имагинација која го привилегира Едното наспроти мноштвото, единството наспроти телесниот диверзитет, фетишистичка абстракција наспроти материјален мултиплицитет“, се вели во најавата за настанот.

Изборното предавање е организирано во рамки на Проектот за образовни центри за советување и алумни стипендисти на Фондациите Отворено Општество.

Целта е алумни стипендистите, преку своето стекнато знаење на различни престижни универзитети и факултети, да придонесат кон развој на општествениот дискурс помеѓу младите во државата, преку нивно информирање за релевантни општествени теми.

Ова предавање е второто изборно предавање од циклус предавањата организирани од страна на Младински образовен форум. Во текот на месеците мај– јули, МОФ ќе организира уште 3 предавања поврзани со различни општествено релевантни тематики.