Предавање на тема „Архитектурата на Скопје во „МоМА“ вечерва во кино „Фросина“

Предавање на тема „Архитектурата на Скопје во МоМА“ ќе се одржи вечерва, со почеток во 19 часот, во киното „Фросина“.

Во периодот од јули 2018 до јануари 2019 година, во Музејот на модерната уметност во Њујорк се одржа изложбата „Кон конкретната утопија: архитектурата на Југославија 1948-1980“, прво и најсеопфатно прикажување на архитектурата на поранешна Југославија во светски реномирана институција. Во рамките на ваквото претставување, постземјотресната обнова на Скопје доби значителен простор и претставуваше јасно издвоена, препознатлива целина.

Излагањето на Владимир Десков, Ана Ивановска Дескова и на Јован Ивановски ќе се осврне на нивната улога во текот на истражувањето и создавањето на изложбата.

Ана Ивановска Дескова, Владимир Десков и Јован Ивановски се архитекти што како тим повеќе од една деценија соработуваат на различни архитектонски и истражувачки проекти. По серијата архитектонски конкурси работени во периодот 2008-2011, следуваат поголем број истражувања и изложби. Во 2014 г. се куратори и некои од авторскиот тим на проектот „Наоди“ со кој Македонија се претставува на Биеналето во Венеција.

Автори се на истражувачките проекти: „Невидливо Скопје“ (МГС, 2013), „Биографија на едно архитектонско дело: Телекомуникациски центар – Скопје“ (МГС, 2016), „Скопските вертикали“ (МГС, 2018) и „Загрозени видови“ (Природонаучен музеј, 2018), проследени со изложба и публикација. Своите истражувања поврзани со модерната архитектура на Скопје ги претставуваат и надвор од границите на Македонија со изложбите: „Скопје, македонска архитектура во контекст“ (Галерија Рингтурм, Виена, 2017), „Иднината како проект: Доксијадис во Скопје“ (Музеј Бенаки, Атина, 2018) и во рамките на поширок истражувачки тим: „Кон конкретната утопија: архитектурата во Југославија 1948-1980“ („МоМА“, Њујорк, 2018).