Предавање на Светлана Слапшак – „Легитимизација на социјализмот“

На 23 јуни со почеток во 19 часот во живо на официјалната Фејсбук страна на „КРИК“ ќе се одржи предавањето на Светлана Слапшак – „Легитимизација на социјализмот: помеѓу корона вирусот, Маркс и Дионис Савопулос“.

Предавањето ќе биде проследено со разговор модериран од Ивана Хаџиевска, што ќе се одржи на српски јазик.

„Во една песна од 80-тите години, грчкиот пејач Савопулос вели дека љубовта работи во корист на социјализам. Тоа е време на ПАСОК во Грција, околу десет златни години, пред партијата да ги изгуби своите идеи и јазик, и пред да западне во национализам. Врската помеѓу љубовта и политиката е стара (античка) појава која желбата, задоволството и демократијата ги става во центарот на политиката.
За време на епидемијата на корона вирусот (што е веројатно само почеток на ерата на епидемиските култури), станува важно и се вградува во свеста на граѓаните сознанието од практиката, а не од идеологијата, дека еднаквоста се заснова на човечките потреби, а не на општествената положба“, се вели во апстрактот за предавањето.

Светлана Слапшак завршила Класични студии/лингвистика на Универзитетот во Белград. По магистратура на преводите/позајмувањата на грчкиот збор SHEMA и докторатот за преводите, адаптациите и позајмувањата од грчкиот јазик во Српскиот речник на Вук Караџиќ, таа се префрла на Балканологија и Женски студии, во 1980-тите. Како студентка дисидентка, а подоцна авторка и активистка, честопати била малтретирана од тајната полиција, а пасошот и бил одземан повеќе пати во текот на седум години, 1968-1988. Откако во 1988 година добива отказ од Институтот за уметност и Литература во Белград, после наместен судски процес од страна на режимот на Милошевиќ, а во врска со нејзиното јавно спротивставување на српскиот национализам и распадот на Југославија, како и нејзината акција во корист на најдолго притворениот затвореник на совеста во Југославија, Адем Демачи. Во 1991 година Слапшак се сели во Љубљана. Таа е координатор за Антропологија на античките светови и антропологија на родот на ISH (Institutum Studiorum Humanitatis), на љубљанската Школа за хуманистички науки, декан на институтот од 2005-та, главен уредник на кварталното списание за женски студии и култура од Белград „ProFemina“, уште од 1994 година.